Бел слез – Althaea officinalis

Бел слез (Althaea officinalis L.)

Заедно со камилицата, нането и жалфијата, коренот од бел слез може да се најде речиси во секоја „домашна аптека“, а неговите лековити својства се познати уште од античко време. Ова повеќегодишно тревно растение од семејството Malvaceae расте низ Европа, Азија и Северна Африка, на ливади, покрај бреговите на реките и на места каде што имало поплави.

Коренот од бел слез е силен, разгранет и месест, бел по боја. Од корените, блиску до земјата, излегуваат зелени, тркалезни листови и силни стебла високи до 2 m кои носат големи, дебели, збрчкани листови покриени со сребрено-сиви и сиво-зелени влакна. Во пазувите на листовите се наоѓаат големи, бели или светло-црвени цветови, а растението цвета од мај до октомври.

Традицијата на користење бел слез датира од далечното минато

Записите за употребата на бел слез велат дека Египќаните, Римјаните и Кинезите го користеле како храна. Во областите на Сирија и Ерменија, пржените корени од бел слез се користеле во исхраната на сиромашното население, во време на недостиг по лоши жетви. Записите за лековитите својства се појавуваат подоцна, на почетокот на новата ера, каде што се спомнува ефектот на ублажување на воспалението на слузницата на органите за дишење и чир на желудникот. Во средновековните записи, неговата употреба се препорачува за лекување на болки во грлото, а подоцна, од 17 век, кај белодробни заболувања, кашлица, бронхит, бронхијална астма и во почетната фаза на белодробна туберкулоза.

Основата на неговото лековито дејство е високата содржина на слузести материи…

Како лековит дел од растението се собираат коренот (Althaeae radix), листовите (Althaeae foilum) и цветовите (Althaeae flos). Коренот од белиот слез,  содржи голем процент на слуз, потоа скроб, полисахариди, шеќери, пектин, танини, масно масло, аспарагин, фосфорни соли, ензими, аспарагин, калциум оксалат, полифеноли, фенолни киселини, амино киселини и јаболкова киселина.

Активните состојки на бел слез ја ублажуваат иритацијата и ги разредуваат бронхијалните секрети во случај на грип, настинка, бронхит, ларингит, фарингит, астма или трахеит, па затоа производите од бел слез најчесто се користат кај инфекции на респираторниот тракт. Слузот поволно делува и на обвивката на слузокожата на уринарниот систем, а има и благо лаксативно дејство, па затоа се препорачува негова употреба и при повремениот запек. Бидејќи ги смирува симптомите на гастрити и ентерит, традиционално се користи и за чир на желудникот, горушица и дијареа.

Во народната медицина коренот од бел слез им се дава на доенчињата за да џвакаат и да го ублажат отокот на непцата при никнувањето на забите.

Се препорачува и за жени со воспаление на матката и бел исцедок, со болки при мокрење и инконтиненција.

Успешно се користи и за проблеми со кожата

Свежите листови од бел слез ефикасно го ублажуваат чешањето и болката по каснување од инсекти. Екстрактот од белиот слез,  успешно го забрзува заздравувањето на рани, апсцеси и го смирува воспалението на слузницата на устата и грлото, иритираната кожа и ја ублажува куперозата.

Во народната медицина, чајот од бел слез се користи и за воспаление на слузокожата на окото. Ренданиот корен помешан со мед се користи како лек за созревање на чиревите (облогата да се променува на секои 2-3 часа). Овие облоги се користат и за изгореници бидејќи ја ублажуваат болката и го забрзуваат заздравувањето. Топол чај се користи за клизма кај деца и возрасни.

Производите од бел слез може да се користат дури и во детска возраст, а има одредени ограничувања

Имајќи предвид дека слузот може да ја отежне апсорпцијата на лекови, суплементи на железо или производи кои содржат танини, неопходно е да се направи пауза од два часа помеѓу земањето производи од бел слез и другите препарати.

Современи истражувања

Три студии извршени со белиот слез, покажаа дека полисахаридите изолирани од коренот, особено рамногалактуронот, покажуваат антитусивни својства, што може да се спореди со ефектот на кодеин и вклучува серотонински рецептори.

Полисахаридите слични на рамногалактуронот, добиени од раствор на корен од бел слез, ја ублажуваат иритацијата на слузницата преку стимулирање на регенерацијата на епителните клетки и имаат антивоспалително и аналгетско дејство.

Во лабораториски услови, екстрактот од коренот покажа антибактериска активност против бактериите одговорни за гингивит, додека екстрактите од надземниот  дел од бел слез покажаа антибактериска активност против бактериите кои предизвикуваат расипување на храната.

Коментари

коментари