Овчарска торбичка – Capsella bursa pastoris

Лековитите својства на  овчарската торбичка, ливадско растение кое расте насекаде околу нас, можеби не им се познати на оние кои кинејќи ги срцевидните, триаголни, зеленикави плодови, му се обраќаат во моменти на неодлучност, барајќи одговори на прашањата: „Ме сака – не ме сака“

Космополитски вид, овчарската торбичка расти на полиња, ливади и пасишта, на запуштени земјишта, покрај патишта и на наѓубрени подлоги. Потекнува од умерените региони на Азија и Европа, а припаѓа на фамилијата на растенијата Brassicaceae. Зељеста, едногодишна или двегодишна билка, овчарската торбичка има вретеновиден корен и исправено стебло што расте од приземна розета со ланцетни, назабени листови или прстовидни насечени ливчиња, поставени на кратки дршки. Листовите на стеблото се седечки, го опкружуваат во основата, пересто се поделени, мазни и назабени. Мали бели цветови, поставени на стебленца, собрани во гроздови, додека плодовите на овчарската торбичка се во облик на срце и наликуваат на торбички што ги носат овчарите.

Народните имиња за оваа билка,  во повеќето европски јазици го имаат истото значење како и латинскиот – „пастирска или овчарска торбичка“.

Овчарската торбичка за прв пат е прецизно опишана во делата за лековити растенија во текот на 15 век, кога и се припишуваат важни лековити својства: била пофалена како растение кое делува на запирање на крварењето, па затоа се препорачувало да се користи за крваво мокрење, обилна менструација, крварење од носот и запирање на крварењето на раните. Поради тоа што многу брзо се раширила, особено на плодните и оплодени земјишта, во текот на следните векови бил третирана како плевел, а нејзините лековити својства паднале во заборав. Во текот на 19 век, таа била „рехабилитирана“ од Себастијан Кнајп, кој ги пофалил нејзините лековити својства, ставајќи ја во ист ранг со коњското опавче.

Исцелителната моќ на овчарската торбичка доаѓа од содржината на активните супстанции

Овчарската торбичка се собира во текот на целата вегетативна сезона, а како лековит дел се користи надземниот дел од растението (Bursae pastoris herba), собрана на суво време и сушена во сенка, на провевно место. Активните соединенија вклучуваат флавоноиди кемпферол, кверцетин, лутеолин и нивните гликозиди), каротеноиди, глукозинолати (синигрин), танини, фенолни и органски киселини (хлорогена, ванилна, фумарна, лимонска), аминогенетилхолин, амини (хистамин, тирамин), пептиди со хемостипско дејство, алкалоид бурсин, есенцијално масло (богато со сулфурни соединенија), сапонини, соли на калиум, калциум и натриум и витамин К.

И во народната медицина и во современата фитотерапија овчарската торбичка зазема значајно место…

Нејзината главна цел е да ги запре сите видови крварења, од обилна менструација до исеченици и крварење од носот. Поради антисептичките својства на активните состојки, нејзината употреба е ефикасна во случаи на уринарни инфекции, а успешно се користи и во случаи на крварење присутно во респираторните органи. Овчарската торбичка, исто така, има корисен ефект врз циркулацијата, па нејзината употреба им носи олеснување на луѓето кои страдаат од синдром на тешки нозе, проширени вени или хемороиди. Во народната медицина нејзината употреба се препорачува за чир на желудникот (за запирање на крварењето) како и за пролив, особено за крвава дијареа.

Се користи и за регулација на крвниот притисок: во таа област има ефект слично на имелата, чија употреба придонесува за нормализирање на вредностите и може да се користи и за висок и за низок крвен притисок.

Тираминот присутен во овчарската торбичка работи на воспоставување и зајакнување на ритмичката контракција на мускулатурата на матката, така што производите од овчарската торбичка, под надзор на лекар, може да се користат како средство за подобрување на породувањето и олеснување на истото. Поради стимулирачкиот ефект врз тонусот на мускулите на малата карлица, овчарската торбичка во комбинација со коњско опавче и бисерок,  успешно се користи за помош при уринарна инконтиненција кај жените.

Надворешната употреба се препорачува за забрзување на запирање на спонтано крварење од носот (со шмркање чај), крварење на непцата (како средство за плакнење) или крварење по повреди, бидејќи активните состојки стимулираат епителизација и зараснување на раните.

Како и повеќето растенија од семејството Brassicaceae (на кои припаѓаат зелката, карфиолот и зелената салата), и овчарската торбичка содржи сулфурни соединенија. Овие соединенија, покрај антибиотските својства, покажуваат и превентивно дејство за развој на малигни заболувања, а во експериментите врз лабораториски животни покажале и ефект на запирање на растот на туморите.

Забележано е и дека екстрактот од овчарска торбичка содржи соединенија кои ги одбиваат инсектите што несат јајца – можеби ова е една од причините за брзото ширење на овчарската торбичка, бидејќи инсектите избегнуваат да се хранат со неговите лисја.

При примена на овчарската торбичка потребно е да се почитуваат ограничувањата

Како и со употребата на други помагала и лековити билки, неопходно е да се почитуваат препорачаните дози и да се користат со консултација и согласност со вашиот лекар. Поради недостаток на веродостојни податоци за безбедност, употребата за самолекување не се препорачува за деца под 12-годишна возраст и за време на периодот на доење, особено не за време на бременост, бидејќи активните состојки можат да стимулираат контракции на матката. Поради содржината на витамин К, не се препорачува употреба дури и за време на антикоагулантна терапија. Прекумерната употреба може да влијае на третманот на висок крвен притисок и болести на тироидната жлезда, да го потенцира дејството на седативи, затоа, особено при паралелна употреба со лекови во овие случаи, неопходно е да се почитуваат дозите и да се користат производи од овчарска торбичка со согласност на лекарот.

Коментари

коментари